Хронично болните страдаат од променливото време, лекарите советуваат на претпазливост
Температурните разлики најмногу ги чувствуваат хронично болните. Лекарите советуваат да бидат претпазливи. Апелираат и на правилно чување на лековите. Од Итната медицинска помош не бележат зголемен број повици.

Сонливост, главоболка, вртоглавица... Промената на времето влијае врз луѓето. Температурните разлики најмногу ги чувствуваат хронично болните. Лекарите советуваат да бидат претпазливи. Апелираат и на правилно чување на лековите. Од Итната медицинска помош не бележат зголемен број повици.
„За 24 часа на 30-ти и 1-ви, имавме по околу 100 повици, од кои една третина беа итни интервенции. Во текот на денешниот ден и вчерашниот, бројот на повици се намалува со опаѓањето на температурите. Денеска имаме релативно помал број на повици“, изјави Ангелчо Јорданов, шеф на смена во Итна медицинска помош.
По намалувањето на температурата за 10 степени, од Управата за хидрометеоролошки работи од утре најавуваат период на стабилно време со постепено покачување на температурата.
„И утре ќе дува повремено засилен северен ветер, меѓутоа помалку во однос на денешниот ден. Температурата во следните денови ќе биде во постепен пораст, секојдневно до крајот на неделата ќе расте за 2 до 3 степени секој ден. До крајот на неделата би требало да се движи во интервал од 26 до 38 степени најмногу“, вели Костадинка Арсовска, УХМР.
За време на топлотниот бран од 29-ти јуни до 1-ви јули дежурните екипи на државниот инспекторат извршиле 97 испекциски надзори од областа на безбедност и здравје при работа во земјава. За 37 фирми е донесено решение за забрана за работа.
Ана Јосифоска- Тодоровска
