Охрид: Локалните жители и туристите вознемирени, предизвикана мала материјална штета
Земјотрес со јачина од 5 степени по Рихтер го затресе Охрид. Илјадници граѓани и туристи денот го поминуваат на улиците, на градскиот кеј или во своите дворови, плашејќи се дека градот повторно ќе биде погоден од посилен земјотрес. Во текот на изминатите две недели во Охридскиот регион имаше над 800 земјотреси.

Земјотрес со јачина од околу 5 степени по Рихтер го потресе Охрид околу 13 часот и дваесет минути. Епицентарот беше на околу 5 километри од селото Косел, на длабочина од 10 километри.
Освен што предизвика голема вознемиреност кај граѓаните и туристите, кои ги напуштија своите домови, хотелски објекти и работни места, силниот земјотрес предизвика и штети на повеќе објекти. Оштетени се фасади, испукани се тавани кај постарите објекти, но има и паднати оџаци.
Во внатрешноста на домовите има паднати бојлери, телевизори и други предмети, додека во продавниците робата од рафтовите се најде на подовите. На голем дел од граѓаните сѐ уште им е страв да влезат во своите домови.
Посилен земјотрес имаше и синоќа во 3 часот и 54 минути со јачина од 3,7 степени по Рихтер, чиј епицентар беше на 6 километри источно од Охрид, на длабочина од 6 километри.
Тлото во охридско се тресе од 18-ти јуни, а до денеска е забележана серија од над 800 земјотреси. Жителите на градот и приградските населби веќе одамна очекуваат експертите да излезат со издржана анализа која ќе објасни на што се должи големиот број потреси, кои деноноќно ги вознемируваат.
Сашо Нелоски, дописник од Охрид за МРТ
