ЕЕЗ: Евтина тарифа само за социјалните категории за период од две години
„Евтина тарифа за струјата само за социјални категории и само за период од две години“- препорачува Европската енергетска заедница. Владата тврди дека ќе работи согласно европската регулатива. Брисел ни забележува за застој во реформите, посочува дека Министерството за економија го нема потребниот капацитет...

Македонија од лидер во регионот во енергетските реформи, сега заедно со БИХ е на опашката и се уште не го имплементирала третиот енергетски пакет, изјави Јанез Копач, директор на секретаријатот на Енергетската заедница во Виена пред собраниската Комисија за економски прашања. Копач појасни дека досега против земјата биле подигнати две постапки за кршење на Договорот за енергетска заедница. Стариот предлог- закон за енергетика сега е застарен, неопходна е сертификација на операторите, односно да ги управува друг орган, а не истиот кој има ингеренции над ЕЛЕМ. Најголем интерес меѓу пратениците имаше за најавеното враќање на евтина дневна и викенд тарифа на електричната енергија.
„Теоретски е возможно, меѓутоа третиот енергетски пакет овозможува специјална регулатива која што е наречена задолженија за јавни услуги и тие можат да се применат само во специфични околности. Тука најважно е таков исклучок од пазарните правила и од пазарниот пристап треба да биде дозволен само за краток период, година до две години, не повеќе. Тој пристап треба да биде оправдан, да се објасни зошто е неопходно да се применат тие мерки. Тоа треба исто да се образложи и на Секретаријатот во Виена. Сите трошоци кои што ќе произлезат треба да бидат покриени од јавниот буџет“, изјави Јанез Копач, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница од Виена.
Пратениците се интересираа дали има ЕУ фондови од кои може да се финансираат инвестиции во обновливи извори на енергија, но и да се решаваат проблемите со загадување на големите енергетски објекти.
„Летно време еден мегаватчас чини меѓу 40 и 50 евра и тогаш станува инкомпатибилно за бизнис секторот во Р. Македонија да инвестира во производствени капацитети од обновливи извори“, изјави Сашо Василевски, ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали вие како Енергетска заедница или ЕУ воопшто нуди дополнителни фондови со кои што тие енергетски објекти можат под итно да влезат во фаза на на еколошка адаптација“, праша Лилјана Поповска, ДОМ.
Негативното наддавање за нови капацитети на ветерни паркови ја симнаа субвенцијата на нула евра во Германија, рече Копач и овој тренд треба да се прифати и во земјава, затоа што новите технологии ги менуваат старите правила и начини на пресметки кои бараат големи износи на државни субвенции за инвестирање во обновливи извори на енергија.
Македонија може да користи средства од ИПА фондовите во делот за намалување на штетните емисии на гасови од големите енергетски капацитети, а енергетската стратегија може да се иновира со техничка помош на УСАИД, рече Копач. Тој беше директен, ресорот економија во делот за енергетика има низок административен капацитет. Многу луѓе заминале во други фирми или во пензија, не секогаш може да одговори на барањата на Секретаријатот од Виена и затоа е потребно да се зајакне во делот на човечките ресурси.
Свето Николовски
