Најавени жалби за решенијата на Кривичен

03.07.2017 16:11

Специјалното јавно обвинителство ќе ги обжали решенијата на Кривичен по барањата за притвор. Очекуваат од септември да почнат судењата. Поради промена на адвокатскиот тим- одложено рочиштето за „Тврдина 2“...

Специјалното јавно обвинителство добило различни образложенија за одлуките на скопскиот Кривичен суд по нивните барања за определување мерки притвор и мерки за претпазливост. Обвинителката Ленче Ристовска најави жалби против решенијата.

Во изминативе денови ги одби сите барања за притвор, но одлучи да им се одземат пасошите на обвинети во доставените случаи. Во процесуираните предмети на СЈО, на 29- мина им се одземени пасошите, а против 35- мина се определени мерки за претпазливост.

Приговор на судските одлуки по барањата на СЈО подготвуваат и од одбраната на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање. Тој е обвинет во случајот „Таргет“ и „Тврдина“. Судот одлучи да му биде одземен пасошот.

Денеска, рочиштето за „Тврдина 2“ беше одложено. Причина, промената на адвокатскиот тим кој ги застапува обвинетите во овој предмет за уништување документација во МВР.

Љупчо Шврговски е нов бранител на првообвинетиот, ексначалникот на петтата управа. Побара одложување за да се запознае со предметот. Следното рочиште е закажано за 26-ти септември.

 

Наташа Гркова- Петрушевска