Земјотреси во Охрид

Гаревски: Не би требало да се очекува посилен удар

04.07.2017 10:31

Нов земјотрес од 3,5 степени по Рихтер утрово во Охридско. Според сеизмолошката опсерваторија земјотресот бил почувствуван во Охрид и околината со интензитет од пет степени според Европската макросеизмичка скала. Во текот на измината ноќ се регистрирани десетина нови земјотреси во овој регион. Тлото во Охридско се тресе од 18-ти јуни, а до денеска е забележана серија од над 1.000 земјотреси. Најсилниот беше вчера попладне со магнитуда од 5 степени по Рихтер.

Охридскиот земјотрес од пет степени според Рихтер, наликува на главен удар по серијата помали потреси во овој регион- вели директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Професорот Гаревски смирува, вели не треба да се очекува посилен земјотрес, но сепак тоа не може да се предвиди. Во овој регион, Гаревски вели дека се случувале земјотреси со јачина од 6 или 6,5 степени, но тие се јавуваат меѓу 500 и 700 години.

„Ако се тргне од веројатноста дека такви земјотреси се случуваат на многу подолго време иако и пет степени не е малку за тој регион, тогаш би требало да се претпостави дека не би требало да се очекува некој посилен земјотрес, но сигурно е дека ќе има уште афтер шокови кои најверојатно и веќе ги има“, вели Михаил Гаревски, директор на ИЗИИС.

Во изминативе 20-тина дена во охридскиот регион беа регистрани околу 1.000 потреси.

„Земјотресите не можат да се предвидат, единствено што науката може да каже е во кој временски период и во кое подрачје може да се случи земјотрес со одредена јачина како што за охридскиот регион беше 100 години повратен период и со јачина од пет степени според Рихтеровата скала“, изјави Драгана Черних, сеизмолог во Сеизмолошка опсерваторија при Природно- математички факултет.

Надлежните не очекуваат поголеми штети по земјотресот во Охридскиот регион. Велат,  сите објекти од поновите градби можат да издржат земјотрес од пет, па и шест степени. Сепак сеизмолозите апелираат да се внимава на старите градби кои се најризични и да се забрани нивна надградба.

 

Андријана Атанасовска