Невработеноста во Грција урна нов рекорд

13.02.2014 13:13

Строгите мерки за штедење во изминатите 4 години доведоа до намалување на грчката економија за четвртина...

Стапката на невработеност во Грција достигна нов рекорд – во ноември се регистрирани 28 проценти невработени, покажуваат статистичките податоци. Еден месец претходно невработеноста била 27,7%. Од младите до 25 години невработени се дури 61,4%.

Строгите мерки за штедење во изминатите 4 години доведоа до намалување на грчката економија за четвртина. Но други економски показатели укажуваат на знаци на заздравување.

Според податоците, пред првата транша европска помош од 110 милијарди во мај 2010, стапката на невработеност во Грција беше 12%. Мрачните прогнози за пазарот на труд се обратни од пораката што се обидува да ја протурка владата во Атина – дека Грција ја надминала шестгодишната рецесија и на крајот на годинава очекува да види светлина на крајот од тунелот.

Годинава Грција ја очекува слаб раст, но избришан е дефицитот, освен каматите на програмите за помош. Сепак, според аналитичарите, владата стравува од силен удар на локалните и европските избори во мај.

 

Ивана Салтировска