Северна Кореја истрела нова ракета кон Јапонија

04.07.2017 12:20

И покрај многубројните предупредувања од меѓународната заедница, Северна Кореја продолжува со ракетните тестови. Последната проба повторно беше насочена кон Јапонија.

Северна Кореја истрела балистичка ракета кон Јапонија. Летањето траело 40 минути и крајната цел можела да биде и ексклузивната економска зона во Јапонија, но ракетата паднала в море. Претходно Пјонгјанг изврши неколку проби во рамките на развојот на ракети со нуклеарна глава кои, според проценките, можат да стигнат и до територијата на САД. Кина, Јапонија и официјален Вашингтон бараат прекин на нуклеарната програма на Корејскиот полуостров.

„Северна Кореја продолжува да лансира ракети иако меѓународната заедница постојано ја предупредува. Последниот проектил покажува дека заканата од Пјонгјанг се зголемува“, изјави Шинѕо Абе, премиер на Јапонија.

Јапонскиот премиер Абе потенцира дека проблемот со Пјонгјанг ќе биде дел од разговорите на самитот Г20 во Германија каде што ќе има трилатерална средба со САД и со Јужна Кореја. Кинескиот амбасадор во ООН предупреди дека ситуацијата може да излезе од контрола. Како клучни приоритети за неговата земја ги наведе нуклеарното разоружување, мирот и стабилноста на полуостровот.

„Очекуваме да се намалат тензиите зашто во спротивно работите ќе излезат од контрола, а последиците ќе бидат катастрофални. Сигурен сум дека е во заеднички интерес на сите да избегнеме такво сценарио“, изјави Лиу Џиеји, постојан претставник на Кина во ООН.

Претседателот на Јужна Кореја Мун Џеј-ин го повика Советот за безбедност на Обединетите Нации да преземе мерки против нивниот северен сосед. Осуда стигна и од неговиот американски колега Доналд Трамп кој на Твитер коментираше дека лидерот Ким Јонг Ун очигледно нема попаметна работа во животот.

 

Маја Филдишев