Судскиот совет ги стави вон сила огласите за избор на судија или претседател на суд
Се поништува огласот за избор на претседател на Кривичниот суд, но и за избор на другите судии и претседатели на судови, откако Судскиот совет ги стави вон сила сите огласи објавени пред први јануари 2017 година поради нивна застареност и поради новиот модел на редовно двегодишно оценување на судиите.

За шефовското место во Кривичниот суд повторно ќе се распишува оглас откако Судскиот совет ги стави вон сила сите активни огласи за избор на судии или претседатели на суд, поради повторно огласување.
Претседателот на Советот, Караџовски посочи дека сите огласи објавени пред први јануари 2017-та година се ставаат вон сила поради нивна застареност, пред сѐ заради новиот модел на редовното оценување на судиите за две години, односно за 2015-та и 2016-та година, наместо досегашното едногодишно оценување.
Оваа одлука значи дека се поништува и огласот за избор на претседател на Кривичниот суд, за што во трката останаа екс претседателот на судот, Владимир Панчевски и судијата Иван Џолев.
Се очекува процесот да заврши во текот на наредната недела, па потоа да биде објавен нов оглас.
Сега Кривичен го води в.д претседателот Стојанче Рибарев кој направи нов распоред на судии и судиите кои беа распреелени да судат предмети само по стариот Закон за кривична постапка и со тоа немаа можност да одлучуваат по предметите на СЈО.
Во однос на шпекулациите дека тоа било наменски сторено, Рибарев преку соопштение до медиумите потврди дека е направен нов распоред на судиите, но дека тоа не било поврзано со предметите на Специјалното јавно обвинителство.
Фиљана Кока
