Тлото во Охрид и натаму се тресе, поднесени околу 200 пријави за штети

04.07.2017 15:18

И по силниот земјотрес со јачина од 5 степени по Рихтер што се случи вчера, тлото во Охридскиот регион сѐ уште не мирува. Измината ноќ и денеска се регистрирани нови потреси. Охриѓани минаа уште една непроспиена ноќ, дел останаа надвор од своите домови. Од вчера во Охрид се присутни претставници на Институтот за земјотресно инженерство од Скопје кои во координација со локалните власти вршат увид на оштетените објекти. Досега се поднесени околу 200 пријави за настанати штети. Превентивно е затворена и една детска градинка...

Охриѓани и туристите минаа уште една непроспиена ноќ исполнета со вознемиреност и страв поради бројните потреси. Оние похрабрите останаа во своите домови, додека голем број од граѓаните ноќта ја минаа на отворено, во своите автомобили, а некои поставија и шатори во дворовите. По вчерашниот земјотрес со јачина од околу 5 степени по Рихтер до вечерните часови следуваа уште неколку силни потреси помеѓу 3 и 4 степени, а слично беше во текот на ноќта и во претпладневните часови. Изминатите два дена беа кулминација на серијата земјотреси кои го тресеа тлото во охридско веќе две недели, а чија бројка се проценува дека е над илјада.

„Да нема паника меѓу граѓаните, ваков земјотрес со магнитуда од пет степени, нормално е да има афтершокова активност, значи земјотреси кои го следат главниот земјотрес, земјотреси кои се со помала магнитуда и интензитет“, вели Драгана Черних, од Сеизмолошката опсерваторија во Скопје.

Од вчера во Охрид се присутни претставници на Институтот за земјотресно инженерство од Скопје, кои во координација со локалните власти вршат увид на оштетените објекти. До сега се поднесени 120 пријави за настанати штети. Како што вчера информиравме, на дел од постарите објекти се појавија пукнатини на фасадите и во внатрешноста на куќите и зградите, има повеќе паднати оџаци и други оштетувања.

„Охридскиот кризен штаб според искуството и според експертизата ги утврди најголемите оштетувања. Стручните служби на ИЗИИС и на Сеизмолошката опсерваторија во текот на ноќта извршија набљудување на оштетувањата во три објекти и во сите детски градинки. Заради избегнување, превентивно, опасносност од одронување на малтер, една од градинките привремено ќе биде затворена за прием на деца“, изјави охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески.

Тим од Сеизмолошката опсерваторија од Скопје веќе постави дополнителна опрема во епицентралното подрачје, а експертите очекуваат смирување на тлото.

Од друга страна од охридскиот Црвен Крст денеска излегоа со предупредување до охриѓани, да не им веруваат на луѓе кои лажно се претставуваат како нивни членови и им сугерираат да ги напуштат нивните домови. Според вработените во Црвениот Крст, се работи за лица чии манипулации и лаги се насочени кон повозрасните граѓани, со цел да се создаде простор за кражба.

 

Сашо Нелоски, постојан дописник од Охрид за МРТ