Милевски: Косел не претставува опасност

04.07.2017 15:39

Во наредниот период тешко е да се предвиди, но не би требало да има посилен земјотрес од вчерашниот во Охридскиот регион, вели универзитетскиот професор Ивица Милевски. Според него заблуда во јавноста е дека земјотресот може да предизвика ерупција на Косел, бидејќи тој одамна не е вулкан.

Заблуда се тврдењата дека земјотресите во Охридскиот регион ќе го активираат Косел- тврди универзитетскиот професор на Институтот по географија при ПМФ, Ивица Милевски. Објаснува дека на ова место, последен пат имало вулканска активност  пред 16 милиони години.

„Гасовите што излегуваат во Косел се од длабинските структури од раседната линија, долу има резервоар со сулфур, водород и јаглерод диоксид и перманентно, а особено кога ќе има земјотрес, може да се зголеми концентрацијата на гас. Огромна грешка е што се вели ’вулканот Косел’ бидејќи тој нема никакви елементи на вулкан. Не постои никаква можност во наредните милиони години Косел да се активира, можеби со текот на времето ќе престане да функционира, а не да зајакнува со некаква активност“, изјави професорот Милевски.

Снимки од наводни нови дувала кај Косел создадоа паника во јавноста. Мештаните велат дека состојбата е нормална, но се сомневаат дека некој сака да ги вознемири жителите.

„Вчера некои дојдоа запалија гуми, со телефони снимаа и кај народот се создава паника. Никакво чадење нема, имаше пред 4 години, но тогаш нешто запалија“, вели Верица Недеска- жителка на Косел.

„Нема промени, само кога ќе се менува времето тогаш повеќе мириса“, изјави Науме Ефтимоски- жител на Косел.

Професорот Милевски тврди и дека нема услови за таканаречено езерско цунами.

„Моментално зборуваме за активниот дел во подножјето на Галичица кој е од многу цврсти варовници и тука нема траги на откршување за да може да се очекува некаков голем одрон кој би исполнил дел од езерскиот базен или од дното или од страните кое ќе доведе до исплиснување на водата итн. И од тој аспект нема никаква потреба за паника“, смета професорот Милевски.

Професорот Милевски апелира, граѓаните да внимаваат кога поминуваат покрај стари објекти, бидејќи се можни одрони. 

 

Андријана Атанасовска