Димитров: Македонија мора да трча по возот
Шефот на дипломатијата реферираше за меѓународната положба на земјава во Законодавниот дом. Димитров тврди дека Македонија сега мора да трча по возот кој ја минал границата. Од поранешниот министер за надворешни доби одговор- единствена пречка за нашата евроатланска интеграција е Грција...

Македонската надворешна политика почива на неколку столба, посветеност и реформи, зголемување на групата пријатели за членство во НАТО и ЕУ, но и на развој на добрососедските односи. Последниов, засегна повеќе прашања по првиот извештај министерот Димитров за нашата меѓународна позиција. Неспорно, владата ќе ја има поддршката за евроатлантските интеграции, но без засегање во идентитетските прашања, најавија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Ова се однесува и на најавеното потпишување на договорот за пријателство со Бугарија планирано за 2-ри август годинава.
Не е докрај одреден датумот за договорот, Македонија е коорганизатор на состанокот на Јадранската повелба во Црна Гора на Илинден кадешто учествува и американскиот потпретседател Мајк Пенс, одговори Димитров.
Мораме да работиме на зголемување на групата држави- пријатели на земјава чиј број е опаднат во последните години, рече Димитров. Тој ги најави посетите на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг на земјава на есен, посетите на Париз, Лондон, Берлин, намалениот буџет од 25 на 17 милиони евра. Во август се очекува и експертската помош за реорганизација на министерството од две западни држави за да се стигне евроатлантскиот воз.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се спротивставија на намерата да не се одобрат акредитивите на Александар Николоски, за македонски амбасадор во Унијата. Како аргумент предочија- и квалитетните амбасадори од опозицијата не биле повлекувани за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата на Комисијата ќе биде продолжена, ќе се закаже и нова затворена или отворена за јавноста за договорот со Бугарија, но пред втори август, најави претседателот Антонио Милошоски.
Зоран Богатинов
