САД прославија 241 година од независноста
Соединетите Американски Држави прославија 241 година од независноста. Екипата на Македонската телевизија имаше ексклузивно право да ја проследи прославата на имотот Маунт Вернон во Вирџинија, на основачот на американската држава и прв претседател Џорџ Вашингтон...

Денот на независноста на Соединетите Американски Држави се обележа на имотот Маунт Вернон на првиот американски претседател и основач на американската држава Џорџ Вашингтон во Вирџинија.
„Државјани на независни Соединети Американски Држави, непријателот многу добро го разбира конфликтот меѓу нашите две држави, Америка и Кралството Велика Британија. Тие ни наметнаа закони со цел да ни ги одземат нашите права како граѓани. Затоа прогласуваме независност од тиранијата на плаќање даноци и губење на сите слободи“- изјавил првиот американски претседател, Џорџ Вашингтон.
Декларацијата за независност од Британија беше прочината пред стотици Американци и туристи. Генерал Вашингтон ги поздрави американските воени сили од времето на револуцијата построени во негова чест.
„Како капетан во водот од тоа време, би имал музичари доделени на единицата. Музичарите не биле само за забавување на војниците, далеку од тоа, тие биле врска за комуникација.“
„Името на топот е скакулец, бидејќи кога отвора оган скокнува наназад 90 сантиметри. Затоа сите морале да се тргнат и пак да го вратат во позиција. Овој топ бил одлично оружје за пешадијата“, изјавија војниците на првата регимента на Вирџинија.
Во чест на Денот на независноста по 56-ти пат беше положен венец цвеќе на гробот на Џорџ Вашингтон. 4-ти јули ќе го паметат 100 Американци коишто го добија своето американско државјанство на церемонија за натурализација во Маунт Вернон. Посетителите на Маунт Вернон имаа посебна можност да присуствуваат на дневен огномет над реката Потомак.
Денот на независноста традиционално се обележува со паради во повеќе американски градови.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
