Второ пријавување во јунскиот уписен рок за средните училишта

05.07.2017 12:54

Во средните училишта во државава, се спроведува второто пријавување во јунскиот уписен рок. Резултатите за запишаните ученици ќе бидат објавени утре. Во вториот рок има 24.529 слободни места. Уписот во некои гимназии и училишта од медицинската струка е завршен. Оние кои нема да се запишат, ќе имаат уште една шанса, на 24-ти август, а училиштата кои и во двата рока нема да ги пополнат местата, ќе запишуваат ученици до 31-ви август.

Во средните училишта во државава, второ пријавување во јунскиот уписен рок. Резултатите ќе бидат објавени утре. Во средното училиште „Васил Антевски- Дрен“ очекуваат да ги пополнат квотите во јунскиот уписен рок. Според директорот Канурков, интересот е зголемен за разлика од претходните години.

„Во првиот уписен рок беа примени 360 ученици, остануваат вкупно 90 места. Досега има 70 пополнети, што значи дека остануваат уште малку места. Оваа година изгледа премногу ученици имаше на територијата на Република Македонија. Голем интерес има и по бројност, но и по квалитет на учениците. Минатите години поатрактивен беше економскиот смер, а сега поатрактивен е правниот“, изјави Александар Канурков, директор на СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“.

Уписот во некои гимназии и во медицинските струки заврши, бидејќи се пополнија сите места. Квотите се проширија во скопските гимназии „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски- Корчагин“. На првото пријавување, спроведено на 28-ми и 29-ти јуни, беа примени 11.205 ученици. Од Министерството за образование и наука информираат дека во вториот рок има 24.529 слободни места.

За сите ученици коишто нема да се запишат во второто пријавување во јуни, ќе има втор уписен рок на 24-ти август, а сите оние училишта коишто нема да ги пополнат местата ќе запишуваат ученици до 31-ви август.

Годинава, средношколците нема да учат по Кембриџ. Владата донесе одлука за одложување на имплементацијата.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска