План 3-6-9 за спроведување на реформските приоритети
Со планот 3-6-9 ќе се спроведуваат реформските приоритети. Целта е да придонесе за добивање неусловена препорака за почеток на преговорите со Европската унија, како и да се забрза интегрирањето во НАТО, вели премиерот Заев. Првите резултати ги најави пред одржувањето на локалните избори во октомври. Името на планот е поврзано со бројот на потребните месеци за спроведување на краткорочните, среднорочните и на долгорочните реформски мерки.

Со итните реформи содржани во владиниот план 3-6-9 се прават чекори за пробив кон евроатлантските интеграции, рече премиерот Зоран Заев. Документот ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест и девет месеци. Целта е до локалните избори закажани за октомври годинава, Владата да ги испорача првичните резултати. До декември да биде отстранета условената препорака, а до наредниот извештај на ЕК напролет следната година Македонија да добие и датум за почеток на преговорите, истакна Заев. Најави реформи во судството, медиумите, борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација, во изборното законодавство, кохабитација со претседателот на државата.
„Најавувам демократски Парламент, реформи во судството, медиумите, борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација, во безбедносните служни, во изборното законодавство според препораките на ОБСЕ и ОДИХР и други релевантни организации, кохабитација со претседателот на државата, соработка со граѓанското општество на рамноправна основа“, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев.
Владата мора да ги испорача мерките и активностите содржани во планот, бидејќи претставуваат наднационален предизвик, рече вицепремиерот за евроинтеграции Османи.
„Правецот на реформите кои ги предлагаме, произлегуваат од програмата за работа на Владата 2017-2020, а ги земаат во предвид политичкиот договор од Пржино, препораките од средбите на високо ниво со претставниците на институциите на ЕУ, вклучително и учеството на комесарот Хан на специјалната седница на Владата, насоките од ЕК во Итните реформски приоритети, сите други официјални документи, како и препораките до Владата“, соопшти вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи.
Градење добрососедство е дел од планот. Во релациите со Бугарија, следна етапа е уште една средба на министерско ниво. Пред потпишувањето на договорот, Заев најави дека ќе го објави документот и ќе отвори дебата.
Наташа Јанчиќ
