Продолжува да се тресе тлото во Охридско
Продолжува серијата земјотреси во Охрид. Голем број од граѓаните ноќта ја минаа на отворено, во автомобилите или пак во шатори поставени во нивните дворови. Во изминатото деноноќие најсилен земјотрес беше регистриран пет минути по полноќ со магнитуда од 4,1 степени по Рихтер.

Охриѓани минаа уште една непроспиена ноќ. Пет минути по полноќ градот и околните населби ги затресе силен земјотрес со јачина од 4,1 степени по Рихтер. Потоа следеа неколку помали земјотреси со магнитуда помеѓу 2 и 3 степени, за утрото во 6 часот и 30 минути Охрид да биде погоден од уште еден силен земјотрес со јачина од 3,8 степени по Рихтер.
Вознемиреноста кај граѓаните е огромна бидеќи тлото од 18-ти јуни до денеска се тресеше над илјада пати. Дел од нив се плашат дека не се работи за афтершокови, туку за таканаречената појава рој од земјотреси, поради што експертите треба да дадат соодветно објаснување.
Гласините уште повеќе дигаат паника, па се повеќе жители на општината своите деца ги праќаат кај роднини и пријатели во другите градови во земјата.
Поради ваквите состојби Министерството за одбрана ги понуди капацитетите на воениот камп „Васко Карангелески“ во Свети Наум, каде што ќе се сместат граѓани кои имаат штети на објектите од досегашните земјотреси и чуствуваат потреба да се засолнат на сигурно.
Во изминативе два дена над 200 граѓани пријавиле штети на своите објекти, при што главно станува збор за пукнатини на ѕидовите, таваните, а има повеќе паднати оџаци и помали тераси.
Од вчера тимови на Институтот за земјотресно инженерство вршат увид на оштетените објекти и барем досега нема информации дека некој објект поради оштетување ја изгубил статиката и не е сигурен за живеење.
Сашо Нелоски, постојан дописник од Охрид за МРТ
