Младите ја напуштаат Македонија во потрага по подобар живот
Младите ја напуштаат земјава од најразлични причини, најчесто во потрага по подобар живот. Министерот Адеми вели дека Владата подготвува национална стратегија која треба да опфати поширока соработка со дијаспората.

Македонија не е исклучок од миграцискиот процес. Младите ја напуштаат земјава од најразлични причини, најчесто во потрага по подобар живот.
„Помали или средни средини во Македонија имаат проблем со младинското иселување, ако во претходниот период младите луѓе мигрираа внатре во државата, од помалите средини во поголемите, најчесто во Скопје, сега тој тренд е на иселување од државата“, изјави Методија Стојчевски, Младински сојуз.
Министерот Адеми вели дека Владата подготвува национална стратегија која треба да опфати поширока соработка со дијаспората.
„Работиме на националната стратегија за односите и соработката со дијаспората која како таква ја нема во моментот, и тука ќе бидат вклучени сите аспекти врзани со дијаспората. Не сакам да ја гледаме дијаспората само како вреќа со пари која доаѓа тука и ги троши, туку морами институционално и систематски да се посветиме на таа соработка“, рече министерот Едмодн Адеми.
„Нема потреба да се спомене дека соработката меѓу организациите на граѓанското општество и државните институции е важен предуслов за проблемот со миграцијата да се претвори во потенцијален бенефит“, смета швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Тејада.
Европа во изминативе години се соочува со голема мигрантска криза и илјади луѓе кои бегаат од Сирија, Авганистан, Ирак, Северна Африка.
Дијана Ценевска
