ВМРО-ДПМНЕ предложи јавен обвинител да се избира по предлог на опозицијата, за СДСМ предлогот е лицемерен
Прашањето за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, е во Собрание. Точката сѐ уште не е дојдена на ред за расправа. Пратениците од вмро-ДПМНЕ ги потсетија Социјалдемократите за даденото ветување, јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата, со двотретинско мнозинство. Народните избраници од СДСМ, пак, сметаат дека е ова лицемерно...

Републичкиот јавен обвинител да се избира на предлог на опозицијата, но со двотретинско мнозинство. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата побараа по скратена постапка да се донесат измени во законот за Јавното обвинителство. Велат, овој предлог го дале Заев и СДСМ како предизборно ветување.
Ставот на Социјалдемократите е дека опозицијата ќе го предлага Јавниот обвинител откако ќе расчисти, како што велат, со криминалите во сопствените редови. За сите реформи во интерес на граѓаните за кои е потребно двотретинско мнозинство, СДСМ ќе бара консензус од сите политички чинители.
Разрешувањето на републичкиот обвинител Марко Зврлевски веќе се најде како точка на расправа во Собранието, откако претходно Советот на јавните обвинители даде зелено светло на предлогот на Владата за негово разрешување.
Анита Димитријевска
