Строги мерки за азилантите во Баварија

13.02.2014 14:09

Најмногу лажни баратели на азил во Баварија лани биле од Србија, дури 18 илјади, што е раст за 40 насто ...

Министерот за внатрешни работи на Баварија,  Јоахим Херман, од сојузната Влада во Берлин побара да преземе мерки за ограничување на бројот на азиланти од земјите на поранешна Југославија и од Албанија.

Во интервју за германската агенција ДПА, Херман изјавил дека станува збор за „масовна злоупотреба на правото на азил“ што мора да биде ограничено и предложи на азилантите од овој регион да им се укине државната помош заради која, како што смета, многумина и доаѓаат во Германија.

„Заради нивните барања за азил значително се продолжува времето за обработка на барањата за луѓето од земјите во кои навистина може да се зборува за политички прогон“, рече Херман.

Најмногу лажни баратели на азил во Баварија лани биле од Србија, дури 18 илјади, што е раст за 40 насто во однос на преклани. На четврто место од листата година биле „азилантите“ од Македонија, вели во веста германската новинска агенција.

Баварскиот министер предлага во првите три месеци по влезот во земјата на азилантите од овие земји да им се укине „џепарлакот“, државната поддршка поради која, смета Херман, овие луѓе и доаѓаат во Германија.

 

Лидија Чакар