Крвава ноќ во венецуелскиот Парламент
Во собранието со часови останале заробени над 350 пратеници и новинари. Активистите мафтале со стапови и фрлале петарди предизвикувајќи хаос. „Ројтерс“ пишува дека биле повредени повеќе пратеници како и новинари.

Дестици провладини активисти синоќа упаднаа во седиштето на венецуелскиот Парламент за време на специјална седница по повод националниот ден на независност. Во собранието со часови останале заробени над 350 пратеници и новинари. Активистите мафтале со стапови и фрлале петарди предизвикувајќи хаос. „Ројтерс“ пишува дека биле повредени повеќе пратеници како и новинари.
Претседателот на Парламентот рече дека во немирите биле поведени пет пратеници и дека биле хоспитализирани. Претседателот Николас Мадуро го осуди насилството и рече дека посакува мир за венецуела.
„Никогаш нема да бидам соучесник во какво било насилство. Ги осудувам нападите и наредив да се спроведе истрага за да се спроведе правдата. Сакам мир за Венецуела. Не прифаќам насилство од никого“, нагласи Мадуро.
Осуда стигна и од САД кои го оценија насилството како напад на демократските принципи на мажите и на жените кои се бореле за независноста на Венецуела пред 206 години.
Инаку опозицијата во земјата планира кон крајот на месецот да организира неофицијален референдум за контроверзниот план на претседателот Мадуро да го промени Уставот преку ново уставотворно собрание.
Од почетокот на април, Венецуела се соочува со најмасовните протести во последните години, кои ги организира опозицијата. Причина е одлуката на Врховниот суд со која се прошируваат овластувањата на претседателот на државата, а се ограничуваат на парламентот кој во моментов го контролираат политичките противници на Мадуро. Според официјалните податоци, во текот на политичката криза, најмалку 90 луѓе ги загубиле животите, а повредени се околу 1.500, додека неколку илјади се притворени.
Марина Автовска
