МАНУ: Тврдењата на Димитров се неточни и крајно тенденциозни
Според академиците, загрижува фактот што на таквите провокации се „прилепуваат“ наши политички партии, кои, без претходно да ги проверат фактите, ја обвинуваат МАНУ за „молчење за суштински прашања од посебен национален интерес, за наводна нејзина приврзаност кон една или друга политичка партија, за клиентелизам и за поткупливост“...

МАНУ ги оцени како неточни и крајно тенденциозни тврдењата на Божидар Димитров, директор на Националниот историски музеј на Бугарија. Смета дека неговите антимакедонски ставови им се добро познати на МАНУ и на македонската јавност, и не заслужуваат посебен коментар.
Но, загрижува фактот што на таквите провокации се „прилепуваат“ наши политички партии, кои, без претходно да ги проверат фактите, ја обвинуваат МАНУ за „молчење за суштински прашања од посебен национален интерес, за наводна нејзина приврзаност кон една или друга политичка партија, за клиентелизам и за поткупливост“.
МАНУ енергично и со индигнација ги отфрла ваквите ставови и квалификации, соопшти претседателството како реакција на обвинувањето од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека Академијата не била и нема да биде приврзок на ниту една политичка партија, и дека не поседува информации за преговорите и содржината на договорот за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, поради што, наведуваaт, не може во оваа фаза од преговорите да ги соопшти своите оценки и ставови.
