Сугарески: Проблеми и на експресниот пат Прилеп- Градско
„Проблеми во проектот и во наплатата на средствата што треба да ги исплати јавното претпријатие за државни патишта има и при изградбата на експресниот пат Прилеп–Градско“- изјави министерот за транспорт и врски, Сугарески. Според него, станува збор за слични проблеми, како оние на автопатот Кичево- Охрид, каде во моментот се одвиваат минимални градежни активности.

Сериозна анализа на сите делници кои се градат во државава, најави министерот за транспорт Сугарески. Вели дека слично како и на автопатите, детектирале проблеми и при изградбата на експресниот пат Прилеп- Градско.
„Дополнителни средства за автопатот Кичево- Охрид ќе треба да се исплатат. Ова го тврдам бидејќи според последната пресметка која што ја има надзорот направено, некаде под 120 милиони евра нема да биде таа, дури и ако работите се изведуваат под швајцарски саат. Сакам да ги видам дополнително проблемите кои се случуваат и на експресниот пат Прилеп- Градско и на сите делници кои се градат. Она што опозицијата го вели- да продолжи да се гради без да се направи анализа, нема да биде можно“, изјави министерот Сугарески.
Сугарески имаше средба со Комората на архитекти и инженери. Од него побараа измени на Законот за градење во делот на категоризацијата.
„Категоризација на градбите, стекнување со овластување, и некои слични мали прашања кои да речеме не се од некој ригиден карактер, туку во процес од неколку месеци да бидат разгледани и изменети“, вели Миле Димитровски, претседател на Комора на овластени архитекти и инженери.
Сугарески најави дека со ребалансот на буџетот ќе бидат скратени непродуктивните расходи во ресорот што го предводи.
Ана Јосифоска- Тодоровска
