Матурантите со најдобри резултати по биологија, најлоши по англиски
Матурантите имаат најдобри резултати по биологија, најлоши по англиски јазик. Средната оценка на екстерните испити од државната матура во јунскиот испитен рок е 3,39- соопшти Државниот испитен центар. За незадоволните е во тек рокот за приговори. Објавени се и резултатите од второто пријавување во првиот уписен рок во средните училишта, каде што имаше слободни места...

3,39 е средната оценка од екстерните испити на државната матура, соопштија од Државниот испитен центар. Матурантите најдобри резултати имаат по биологија 4,12, најлоши по англиски јазик 2,99. Единствениот задолжителен предмет, мајчин јазик и литература има просечна оценка од 3,48, а математика 3,43.
Во јунската испитна сесија беа пријавени вкупно 16.426 матуранти. За оние кои немаат забелешки на оценката, таа е конечна, за незадоволните во тек е рокот за приговорикој ќе трае до понеделник. Приговорот ќе чини 1.500 денари. На учениците чиишто приговори ќе се докажат како основани, парите ќе им бидат вратени. Конечните резултати по приговирите ќе бидат објавени на 17-ти јули.
Пред средните училишта наместо матуранти за резултати за државна матура затекнавме револтирани родители чиишто деца не се запишале во посакуваните средни училишта.
Денеска беа објавени и резултатите од второ пријавување во првиот уписен рок во оние средни училишта каде што имаше слободни места. Дел од родителите реагираа, бидејќи, како што велат голем број ученици кои имаат просек 5,00 останале незапишани.
На идните средношколци кои останаа незапишани им останува августовскиот уписен рок.
Наташа Јанчиќ
