Енергетска ефикасност: Со регионален пристап до европските фондови

06.07.2017 15:18

Со германска техничка помош земјите од регионот заеднички ќе креираат и спроведуваат поуспешни политики на енергетска ефикасност, но и ќе ги имплементираат најдобрите европски практики. На регионалната конференција организирана од МАЦЕФ беше нагласено дека без вистинска база на податоци не е можно ефикасно спроведување на стратегиите и акциските планови за подобрување на енергетската ефикасност. Заедничкиот ангажман ќе овозможи и полесен пристап до европските фондови за финансирање проекти од регионален интерес.

На регионална конференција, пред експерти од шесте земји на Западниот Балкан, Македонскиот центар за енергетска ефикасност-МАЦЕФ ги презентира ефектите од проектот „МултиЕЕ“ поддржан од ЕУ. Грешка од само 1% во влезните податоци предизвикува и до грешка од 10% во крајните резултати, што според експертите ја нагласува важноста на нивната прецизност при планирањата во енергетиката.

„Претставуваме каде сака да оди Европа во секторот на енергетиката и дека нужно во регионот е да се здружиме и во овој момент да ги пренесеме достигнувањата, со една посебна алатка, која што на државата ќе и помогне да ги следи резултатите од мерките за енергетска ефикасност, успешно да го контролира спроведувањето и да ги потврди, валоризира. Целта е ова да се пренесе во регионот и утре ако успееме заеднички, можеби да добиеме средства од Европската заедница и да го реализираме тоа“, изјави д-р Константин Димитров, МАЦЕФ.

На енергетската ефикасност, како ресурс се повеќе се гледа како на прва алатка за намалување на зависноста од увоз на енергија. Собирањето податоци за сите спроведени проекти во оваа област е проблем во сите земји, а државните институции ги немаат информациите за имплементираните мерки за енергетска ефикасност во фабриките и ефектите од нив, собрани на едно место. Ова е важно за планирањето на конзумот во една земја во наредните една или 5 години, што според експертите овозможува поуспешно планирање во енергетиката. Од друга страна, со ова на секоја идна Влада и се овозможува да креира поуспешни мерки за поддршка на енергетската ефикаснот во индустријата и во домаќинствата, како и подобар еколошки развој на земјата.

„Сите земји од регионот ги имаме истите проблеми, особено во енергетската ефикасност. Она што ние сега го даваме кон другите земји од регионот е она искуство што сме го добиле преку овој европски проект, како полесно истите тие работи да ги применат и земјите од регионот“, изјави Александар Дуковски, Агенција за енергетика.

За Димитров е разбирлива европската определба од регулативата за енергетиката да се издвои секторот за енергетска ефикасност и обновливи извори како посебен закон и очекува ова да се направи и кај нас. Со тоа полесно би се реализирале дефинираните цели, кои до скоро беа само препораки, а ЕУ сега ги прецизира во регулативата, вели Димитров.

 

Свето Николовски