ВМРО-ДПМНЕ со 10 пратенички групи, за СДСМ ваквото групирање е обид за блокада
Наместо една, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во собранието ќе имаат десет пратенички групи и исто толку координатори. Целта е да имаат повеќе време за зборување од говорница. Сдсм оценува-ова е обид за блокада.

Наместо една, пратениците од Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во Законодавниот дом ќе имаат десет пратенички групи и исто толку координатори. Согласно Деловникот, девет групи ќе имаат по пет членови, а десетата ќе брои шестмина. Целта на ваквото групирање, како што објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ е искористување на деловничката можност- координаторите да имаат на располагање повеќе време за зборување од говорницата.
СДСМ ваквото групирање на опозицијата го оценува како обид за блокада на работата на Собранието и, како што велат, оневозможување на реформските процеси.
„Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ ќе направи сè да не застанат реформите за кои гласаше мнозинството од граѓаните и кои носат добро за сите. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од ваквиот несовесен потег кој сушност претставува понижување и девастација на иституцијата Собрание, понижување на граѓаните и демократските вредности и е спротивен од државните и интересите на граѓаните“, вели Томислав Тунтев, пратеник од СДСМ.
Деловникот им овозможува на Координаторите на пратеничките групи и на нивните заменици процедурални забелешки и право на збор во траење од 15 минути, додека сите останатите пратеници своите излагања треба да ги концепираат во 10 минути.
Предходно пратенички групи формираа ДУИ и движењето БЕСА. Пратениците избрани од листите на СДСМ и коалициските партнери најголем дел формираа група, додека петмина кои добија мандат како дел од граѓанскиот сектор, во Законодавниот дом настапуваат како независни.
Анита Димитријевска
