Г20 под зајакнати безбедносни мерки, на маргините средба Трамп- Путин
Под зајакнати мерки на безбедност во германскиот град Хамбург, се одржува самитот Г20. На маргините е предвидена средба на претседателите на Русија и на САД, Путин и Трамп. Полицијата употреби водени топови за да ги растури протестите на антиглобалистите. Повредени се најмалку 76 полицајци.

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја има првата тет-а-тет средба со шефот на руската држава Владимир Путин на самитот Г20 во Хамбург. Двајцата лидери изразија подготвеност да ги обноват односите кои беа влошени поради несогласувањата околу кризата во Сирија и во Украина, но и поради наводното мешање на Москва во последните претседателски избори во САД. Претходно Трамп ја повика Русија да ја запре дестабилизацијата на Украина. Кремљ ги отфрла коментарите.
„За да се соочиме со новите форми на агресија, меѓу кои се и пропагандата, финансискиот криминал и кибернетичката војна, нашето сојузништво мора да се приспособува за да се бори ефикасно со нови методи и на нови фронтови. Русија треба да се вклучи во борбата против заедничките непријатели и во одбрана на цивилизацијата“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Во судирите пред средбата на 20 најголеми економии во светот се повредени 76 полицајци. Демонстрантите се незадоволни од политиките на Г20 во повеќе сфери, меѓу кои се и оние за климатските промени, растечката нееднаквост и заканите за светскиот мир.
Г-20 е формирана во 2008 година како форум што ќе ги обединува индустриски најразвиените земји и државите со забрзан економски развој.
На средбата во Хамбург ќе учествуаат лидерите на Германија, САД, Кина, Јапонија, Велика Британија, Франција, Индија, Бразил, Италија, Канада, Јужна Кореја, Русија, Австралија, Мексико, Индонезија, Турција, Саудиска Арабија, Аргентина и Јужна Африка, како и претставници на Европската унија.
Маја Филдишев
