Инспекциска контрола во клиниките по налог на Таравари

07.07.2017 14:48

По налог на министерот за здравство Таравари, вонредна санитарна и здравствена контрола во четири клиники и во Ургентниот центар. Ресорниот министер најави дека контролите ќе продолжат викендов и следната недела...

Хигиена што не била на задоволително ниво, медицински отпад што не бил селектиран според прописите- ваква слика затекнале санитарните инспектори кои ненајавено ја посетиле Клиниката за гинекологија. При вонредниот инспекциски надзор слична била состојбата и на Клиниката за трауматологија.

Во Ургентниот центар, на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и на Клиниката за ортопедија, санитарно- хигиенските услови биле релативно добри, велат од здравство. Инспекциските надзори во скопските клиники ќе продолжат викендов, но и во текот на следната недела.

„Предвидено е да се изврши надзор во сите универзитетски клиники, како и во други јавни здравствени установи низ државата. Целта е да се увиди состојбата во установите и да се донесат конкретни мерки, доколку се воочат определени недостатоци“-  стои во писмената изјава од министерот за здравство, Арбен Таравари.

Граѓаните кои ги анкетиравме на скопските клиники велат треба повеќе да се работи на хигиената во здравствените институции.

„Не е на задоволително ниво, но пак е добро, не е толку лошо, бубашвабите проблем прават.“

„Задоволително е, но не е како што треба.“

„Не е најдобро, но добро е.“

„Треба повеќе да се работи на хигиената, заслужуваме повеќе.“

„Не сме задоволни од хигиената во болниците. Ниту, хигиената, ниту апаратите катастрофа е здравството. Во неделата немаше апарат за да се снима детето“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.   

Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и претставници од Министерството за здравство извршија вонреден инспекциски надзор на вкупно пет клиники. Целта била да утврдат дали персоналот на клиниките во ноќните смени ја одржувал хигиената, го почитувал работното време, но и дали се пушело во објектите.  

 

Андријана Атанасовска