Банките да ги следат трендовите за да одговорат на предизвиците
Нови компании воведуваат иновативни технологии во платежните услуги на финансискиот пазар. Домашните банки треба да ги следат трендовите за да одговорат на предизвиците- заклучок од десетта конференција на Народната банка во Охрид.

Појавата на финансиската технологија „ФИНТЕК“ ги одбележа глобалните случувања во последните неколку години. Со новите технологии и иновациите оваа област доживува голема трансформација и се очекува во наредните 5 до 10 години да има големи промени, бидеќи во пазарот на финансиските услуги, особено во платежните ќе влезат компании кои се големи играчи. Поради тоа банките во Македонија мора да бидат подготвени за овој голем предизвик.
„Се работи за нови компании, кои што се нефинансиски компании, меѓутоа компании кои што ги спојуваат финансиите и ИТ технологиите. Во светот во последните неколку години се појавија многу такви играчи и се надевам дека и во Македонија ќе бидат се позастапени. И навистина иднината лежи во тоа спојување на сето она што значи нова технологија“, изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.
Странсите експерти сметаат дека Народната банка на Македонија и банките треба да бидат подготвени за тие промени.
„Би сакале да ја поттикнеме НБРМ што повеќе да подржува развој на нови технологии и иновации и сметаме дека тие иновации ќе помогнат за подобрување на платниот систем на мала земја каква што е Македонија“, вели Ив Мерш, член на Извршниот одбор на Европската централна банка.
„Република Македонија е лидер во регионот во платниот систем. Сметам дека таа има развиена широка мрежа на банкомати и уреди за плаќање со картички. Очекувам дека развојот во овој сегмент и во иднина ќе продолжи со оваа динамика“, смета Клас Кнот, гувернер на Централната банка на Холандија.
Новите компании кои што нудат финансиски услуги ќе бидат голема конкуренција за банките. Поради тоа големите светски банкарски групации веќе започнаа да ги купуваат или да се здружуваат со нив.
Сашо Нелоски
