Ребалансот на буџетот на владина седница

07.07.2017 16:00

На владина седница се расправа за прекројувањето на државната каса за годинава. Засега нема детали околу параметрите, каде ќе се кастри, каде ќе се додава. Според најавите на министерот за финансии Тевдовски, ребалансот ќе донесе кратење на непродуктивните трошоци...

Предлогот за прекројување на државната каса за годинава,како и предлогот за дополнување на нејзиното извршување се најдоа пред Владата. Ресорот за финансии го подготви предлогот со кој ќе се намалат и приходната и расходната страна. Министерот Драган Тевдовски најави дека со ребалансот ќе се кратат неефикасните трошења, ќе се намалува комодитетот кај буџетските корисници за да се добие прагматична државна каса.

За субвенционирање на зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари, за периодот од септември до декември се предвидени 6 милиони евра. Тевдовски со најава дека нема да се кратат, ниту пак, запираат проекти, што веќе се почнати, а чие запирање би било на штета на буџетот.

Лани, тогашната Влада предложи, а Собранието прифати рекорден буџет тежок 206 милијарди денари. Заклучно со крајот на мај годинава од планираните приходи биле наплатени 73,1 милијарди или реализација од безмалку 39%. Истовремено биле потрошени 78,4 милијарди денари, односно реализација од 38%. Логично од планираниот дефицит во касата, тежок 18,6 милијарди денари со крајот на месец мај биле повеќе потрошени одколку собрани 5,3 милијарди или реализирани 28,7%. Потфрлање има и кај капиталните трошоци. Од планираните 26,9 милијарди денари, со месец мај, биле потрошени само 7,7 милијарди или 28,83%.

Бизнис- заедницата на првата средба со премиерот Заев и неговиот економски тим побара забрзана реализација на сите инфраструктурни проекти, како и давање предност на сите продуктивни трошења од државната каса. Тевдовски вети брз проток на средствата преку трезорот и неселективен поврат на ДДВ на компаниите. Досега, за кратко време, биле вратени 40 милиони евра, а порано за истиот период само 20. Наместо нереален буџет со ребалансот ќе добиеме точна проекција на приходите и на расходите,најави во средата ресорниот министер.

Што се однесува до финансирањето на дефицитот за годинава, предност добива домашниот пазар на капитал, поради пониската цена на позајмувањето, подобрата рочност и зголемената ликвидност во банкарскиот систем.

Премиерот Зоран Заев најави дека очекува ребалансот да биде донесен во Собранието пред 2-ри август. 

Свето Николовски