Џафери: ВМРО-ДПМНЕ можат да формираат 10 пратенички групи, но создаваат впечаток на неединство

07.07.2017 16:23

Разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, ќе почека најрано до понеделник. Собранието денеска не ја продолжи седницата на чиј дневен ред е и оваа точка. Ваквиот развој на настаните доаѓа откако коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ формираше 10 пратенички групи. Собранискиот спикер, Талат Џафери не коментира дали ова значи опструкција на работата на законодавниот дом...

Од формален аспект пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата може да формираат десет пратенички групи, но така создаваат впечаток кај сопствениот електорат дека во партијата нема единство. Вака спикерот Талат Џафери ја коментира одлуката на опозицијата за формирање на десет пратенички групи кои ќе ги застапуваат интересите на нивните гласачи во Собранието. Џафери воздржан во одговорот за намерата на опозицијата да донесе ваква одлука.

Засега е неизвесно кога ќе се избираат и потпретседателите во Собранието. Џафери вели дека им оставил простор на парламентарните парии да се договорат за нивниот број и за предлозите на кандидатите.

Ново продолжение на седницата, на која меѓу точките од дневниот ред се најде и разрешувањето на републичкиот обвинител Марко Зврлевски е закажана за понеделник.

 

Анита Димитријевска