Кристенсен најдобар во тројната победа на Американците
Џос Кристенсен е првиот олимписки победник во новата дисциплина, со најдобри оценки во двата настапа во финалето...

Натпреварувачите на САД доминираа во финалето во дисциплината „слопстајл“ во слободно скијање, кое се одржа во ски центарот за екстремно скијање „Роза Кутор“ во Краснаја Полјана.
Џос Кристенсен е првиот олимписки победник во новата дисциплина, со најдобри оценки во двата настапа во финалето. 22 – годишниот студент од олимпискиот Солт Лејк Сити имаше импресивен настап уште во првиот обид, кога оствари 95.8 поени, што беше недостижно за конкурентите, а во вториот со 93.8 поени само ја потврди шампионската форма, а триумфот му го посвети на неговиот неодамна починат татко.
Колку беше посветен на овој натпревар, потврда се и резултатите во квалификациите, во кои Кристенсен беше единствениот со оценки над 90 поени. Сребрениот медал му припадна на Гас Кенворти, кој успеа да се врати по киксот во првиот настап, и со 93.6 поени заслужи да биде веднаш зад најдобриот. Бронзениот му припадна на Николас Гепер, кој со 92.4 поени во првиот настап го заокружи тројниот триумф на Американците.
Најблиску до триото на подиумот беше Норвежанецот Андреас Хотвид, кој иако во вториот обид оствари 91.8 поени, сепак остана без медал.
