ЕК блокираше 192 милиони евра помош на Бугарија

13.02.2014 15:31

Според Ширин Вилер, портпарол во Комисијата, Брисел во мирување ставил 192 милиони евра наменети за Софија за програма за заштита на околината...

Поради сомнителни тендери и манипулации со средства на Европската унија, Европската комисија повторно замрзна фондови за Бугарија. Според Ширин Вилер, портпарол во Комисијата, Брисел во мирување ставил 192 милиони евра наменети за Софија за програма за заштита на околината.

„Неделава испративме писмо за замрзнување на постапката, и ако по два месеци не се реагира, ќе следи одлука за суспензија. Ако она што го забележа Комисијата за владеењето на правото и тендерите не се поправат, Директоратот ќе преземе мерки. Важно е дека бугарските национални ревизорски власти го потврдија тоа што ние сме го утврдивме во земјата“, посочи Вилер.

Портпаролката на Комисијата одби да каже кој е виновен што Бугарија и овојпат, како неколкупати претходно, одново нема да може да користи средства од Унијата, поради нерегуларности.

„Не обвинуваме ниту една политичка партија. Ова е прашање со кое се справуваме и се надевам дека ќе се реши“, истакна Вилер.