ВМРО-ДПМНЕ со нов Извршен комитет

31.07.2017 11:02

Заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Едногласно го избра составот на новото извршно тело на партијата. Дел од досегашните членови останаа, други заминаа, некои за прв пат се на оваа функција. Никола Груевски останува претседател. Христијан Мицкоски е новиот Генерален секретар...

Смени во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека со новите членови се очекува освежување на идеите за работа и дополнителен ветер во грб.

Екс директорот на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски е новиот генерален секретар, доаѓа на местото на Емил Димитриев кој останува член во Извршниот комитет. Како нови членови влегуваат, историчарот Никола Србов, нефрологот Игор Николов, докторот Сеад Солаковски, поранешниот министер за странски инвестиции Џери Наумоф, кошаркарот Дејан Јовановски, но и граѓанскиот активист Богдан Илиевски и поранешниот владин портпарол Александар Ѓеорѓиев. Вкупно 20 нови имиња во новиот Извршен комитет. Во него од старите кадри на ВМРО-ДПМНЕ остануваат пратениците Димовски, Милошоски Ѓорчев, Рангелова, но и екс министрите Попоски, Тодоров, Ставревски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Во Извршниот повеќе не е и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој си поднесе оставка од сите партиски функции. Во Извршниот ги нема екс министрите Јанкулоска, Јанакиевски и Пешевски, кои се обвинети во неколку случаи што ги отвори СЈО. Централниот Комитет на избраните во извршниот им дал целосна и едногласна подршка. Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека во партиските органи им се приклучуваат докажани луѓе. Од таму додаваат дека подновениот кадар на извршниот комитет веднаш ќе почне со подготовка на членството за локалните избори.

Ќе продолжи и со средбите со граѓаните, симпатизерите и поддржувачите на партијата, со цел, како што се посочува да се извојува победа. Социјал демократите сметаат дека новите членови во ВМРО-ДПМНЕ се шминка што се прави преку ноќ и нема да ја демократизира партијата. Велат дека кај нивните опоненти потребни се крупни партиски реформи.

Инаку од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека на состанокот на Централниот одбор бил разгледуван договорот за добрососедство со Бугарија. Партијата и покрај големата желба нема да е во можност да го подржи овој договор во Собранието-пишува во партиското соопштение. Наведуваат дека ниту една нивна забелешка не била прифатена, а со договорот не прифатливо е да се негира македонскиот јазик и заеднички да се прославуваат историски настани.

 

Миле Ристески