САД и Русија моќни пред меѓусебниот судир
Тест за вистинската моќ на Американците ќе биде саботното мегадерби со Русија...
Хокејарската репрезентација на САД истакна сериозна кандидатура за висок дострел на олимпискиот турнир во Сочи, со блескавата победа над Словачка од 7-1 во уводниот натпревар од најсилната А група. Неизвесноста траеше само до моментот кога Словачка изедначи на 1-1, само што почна вториот период. Тоа беше поттик за пеколната серија на Американците од шест гола по ред за само 14 минути. Кеслер, двапати Штјастни, Бејкс, Кесел и Браун се надоврзаа на Карлсон, којшто погоди претходно во првата третина, придонесувајќи за целосен распад на противничкиот тим. Конечните 7-1 беа поставени уште тогаш. До крајот Американците подзапреа, Словаците не дозволија уште некој погодок, но резултатски баш ништо не променија, така што ќе мора впечатокот да го поправаат во наредното коло.
Тест за вистинската моќ на Американците ќе биде саботното мегадерби со Русија. Селекцијата домаќин имаше победнички прв настап на турнирот, 5-2 против дебитантот на игрите, Словенија. Овечкин, Малкин, Ковалчук, Никушкин и Белов ја запалија публиката во „Бољшој Ајс Дом“, додека Јеглич беше двоен словенечки стрелец.
