Премиерите Заев и Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство
Направивме историски чекор напред. Го поставивме минатото како темел за иднината и со тоа отворивме пат за стабилност и развој на двете држави, но и на регионот, изјави премиерот Зоран Заев.

Во Владата премиерите Заев и Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Беше потпишан на официјалниот македонски јазик според Уставот на Република Македонија и на официјалниот бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија.
Направивме историски чекор напред. Го поставивме минатото како темел за иднината и со тоа отворивме пат за стабилност и развој на двете држави, но и на регионот, изјави премиерот Зоран Заев.
„Владата на Република Македонија се определи да води политики на решенија, а не на создавање проблеми. Во Владата на Република Бугарија видовме конструктивен партнер со исти цели. Република Македонија и Република Бугарија со овој договор покажаа одговорност кон своите граѓани. Ова наше пријателство и добрососедство е пример како долгогодишна кочница може да се претвори во мотор за соработка и поврзување на народите, за подобрување на животот на граѓаните и за развој на регионот. Договорот обезбедува отворени шанси за економски развој и на Македонија и на Бугарија, и меѓусебна соработка во сите други области значајни за квалитетот на животот на граѓаните на нашите земји и во регионални рамки“, нагласи Заев.
Ова е договор што ги отвора евроатлантските перспективи на Македонија, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов.
„Вашата опозиција е од мојата Европска народна партија. Со Груевски работевме долго на договорот и бевме многу блиску до потпишување. Но, како контра прашање ќе прашам- Што постигнавме досега кога немаше договор? За нас овој договор е посакуван, тој дава тон во Европа затоа што можеме да бидеме добри соседи“, рече Борисов.
Во договорот е предвидено со заемна согласност на двете страни, да се организираат заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности.
