Нуркањето- најголема атракција за туристите
Хотелските и приватните капацитети во Охрид се исполнети. Се чини дека туристичката сезона ја доживува својата кулминација. Многубројните културни и забавни настани го исполнија градот, а туристите ги спојуваат денот и ноќта. Но, има и такви кои уживаат во авантурите. Еве една ексклузивна приказна за вљубениците во нуркањето, кои доаѓаат од странство за да уживаат во бистрите езерски води и подвониот свет.

По традиција Охрид е преполн со туристи за време на Илинденските празници. Понудата е богата и градот пулсира во летен ритам. Гостите уживаат во капењето, прошетките долж брегот зачинети со пијалок во угостителските објекти, но и во долгите ноќни забави. Некои пак ги обожаваат прекрасните панорами што ги нуди само Охридското Езеро, а се е поголем бројот на оние кои сакаат да ги откријат тајните што македонскиот бисер ги скрил во своите длабочини. Во последните неколку години особен интерес кај странските туристи предизвикува нуркањето, кое е најатрактивно во Заливот на коските кај Градиште, каде што можат да го видат подводниот археолошки локалитет на праисториската наколна населба.
„Тука има предмети стари некаде околу 3.200 години. Нормално е дека можат да ги разгледуваат ама не смеат да ги допираат. Но, после секое нуркање верувајте дека се фасцинирани од она што го гледаат под вода“, изјави Милутин Секулоски- Миќо, меѓународен нуркачки инструктор.
Повеќето од нуркачите кои главно доаѓаат од Европа, но ги има и од Австралија и САД се воодушевени од живиот свет и бистрата вода чија проѕирност понекогаш достигнува и до 30 метри.
„Доаѓам од Германија, а во Охрид сум по втор пат. Овде нуркам прв пат и беше многу возбудливо. Ја видовме реконструираната наколна населба, водата е бистра, има многу риби, а за прв пат видов змија во вода. Најинтересно од се е тоа што можете да видите археолошки предмети во вода, керамика и други нешта, кои многу одамна се користеле. Навистина перфектно место за нуркање“, вели нуркач од Германија.
Покрај овој локалитет за туристите кои нуркаат најатрактивен е карпестиот дел помеѓу Градиште и Трпејца.
„Конфигурацијата на дното е таква, има карпи, голем број риби, претежно се ситни, но можат да се видат и поголеми риби, може да се види охридскиот тркалезен сунгер и ред други работи“, вели инструкторот Секулоски.
Во лиценцираниот Нуркачки центар „Амфора“ се обучуваат нуркачи од почетна до највисока категорија, по што добиваат меѓународни сертификати кои се признати во целиот свет.
Сашо Нелоски
