Потребна е меѓународна помош за справување со пожарите

01.08.2017 15:58

Заседаваше Координативното тело. На владата и е препорачано да бара меѓународна помош за воздушна поддршка за гаснење на пожарот во Македонски Брод. За справување со огнената стихија се вклучени и хеликоптери на Армијата.

Владата да побара меѓународна помош од странство за поддршка од воздух во справувањето со пожарите, препорача Координативното оперативно тело за заштита на шумите од пожари во Центарот за управување со кризи. На теренот состојбите се многу лоши, тврди за Македонската телевизија претседателот на месна заедница Требовље, Златко Петревски тој со неколку други соседи се во селото за да ги заштитат викендиците. Вели дека со огнената стихија се справуваат неколку противпожарни единици, припадниците на Армијата кои се од раните утрински часови таму, а од воздух дејствуваат авионите на Дирекцијата и еден воен хеликоптер, но дека тоа не е доволно.

Претходно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу на прес конференција рече дека пожарот во Требовље е локализиран, но дека авионите сѐ уште превенираат. Тој посочи дека вчерашната акција се отежнала откако десетмина членови од локалната самоуправа ги напуштиле во критичниот период. Задоволен е, вели, што ниту еден од екипите не настрадал во пожарите. Салиу изрази сомнеж дека тие се подметнуваат.

Последниве десет дена во Македонија 590 хектари се опожарени. Освен во Требовље, активни пожари има во Катланово, над Ѓорче Петров, и во Нова Бреза.

 

Фиљана Кока