Заев- Борисов: Договорот е историски чекор во односите меѓу двете земји
Владите на Македонија и на Бугарија во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Премиерите Заев и Борисов сметаат дека е ова историски чекор. Велат дека се демонстрира одговорност пред своите граѓани, очекуваат позитивни резултати и за двете страни. Попладнево, Борисов е на прием кај претседателот Иванов...

„Ова е порака до Европската унија и НАТО дека Балканот се однесува европски и заслужува европски перспективи“- изјави премиерот Зоран Заев по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Според него, договорот обезбедува отворени шанси за соработка во многу области и за економски развој на двете држави. Ја повика опозицијата да го поддржи договорот.
„Владата на Република Македонија се определи да води политики на решенија, а не на создавање проблеми. Во Владата на Република Бугарија видовме конструктивен партнер со исти цели. Република Македонија и Република Бугарија со овој договор покажаа одговорност кон своите граѓани. Ова наше пријателство и добрососедство е пример како долгогодишна кочница може да се претвори во мотор за соработка и поврзување на народите, за подобрување на животот на граѓаните и за развој на регионот“, нагласи Заев.
„Години наназад договорот не беше потпишан, Македонија не влезе во ЕУ и во НАТО- решивме да гледаме напред“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов. Вели дека е убеден, оваа средба по 10 години ќе има резултати за двете земји.
„За нас овој Договор е посакуван. Тој дава тон во ЕУ за тоа дека можеме да бидеме добри соседи, а колегите треба многу брзо со силни усилби да одат кон ЕУ. Се убаво што имаме ни се случи во ЕУ. Знам како беше да се живее во социјализмот, како изгледаше тогаш, и како изгледа сега. Тогаш немавме метро, немавме прочистителни станици... Само можам да и посакам на Република Македонија и на граѓаните брзо да влезат во ЕУ. За нас друга алтернатива нема“, рече Борисов.
Заев и Борисов не сакаа да зборуваат за отстапки, туку посочија дека тоа што е содржано во договорот нуди исклучиво перспективи за граѓаните на двете земји. Основа на договорот е Декларацијата за пријателство потпишана меѓу двете земји во 1999 година.
Договорот е потпишан на македонски и на бугарски јазик. Треба да го ратификуваат двата парламента. По три месеци од влегувањето во сила, двете договорни страни ќе формираат заедничка експертска комисија за историски и образовни прашања која треба да придонесе за научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на двете држави.
Наташа Гркова- Петрушевска
