Иванов: Потребна е сплотеност за државните и националните интереси
02.08.2017 12:39
Иванов од пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто, порача дека македонството е нашиот образ и идентитет, она по што другите не препознаваат и по што самите се препознаваме во огледалото на историјата.

Без македонството, Македонија е само форма без суштина. Без македонството, македонскиот народ го сведуваат на аморфна маса што може да се моделира според желбите на туѓинците. Борбата за национална и социјална слобода на Македонија, нужно подразбира македонство. Затоа, споменот за нашите борци и херои го негуваме, бидејќи без помнење, нема иднина, порача денеска претседтелот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето по повод Илинден.
Иванов од пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто, порача дека македонството е нашиот образ и идентитет, она по што другите не препознаваат и по што самите се препознаваме во огледалото на историјата.
Македонството е нашето име и творештво, нашата култура и традиција, нашиот македонски јазик, нашиот 7/8 музички такт, нашиот македонски модел на соживот и почитување на различноста, македонството е нашиот автентичен светоглед, израз на нашата само идентификација, потенцира претседателот.
Поради нашиот македонски идентитет, истакна Иванов, нам ни се оспорува правото на просперитет.
За да создаваме услови за просперитет во нашиот глобализиран свет, неопходно е да бидеме дел од Европската Унија и НАТО. Токму членството до сега требаше да ни овозможи конечно да ја достигнеме целата слобода. Но, на тој пат, ние, како држава сме уценети. А цената е висока, премногу висока, рече македонскиот претседател.
Иванов потсети дека иако Македонија ги исполнуваше критериумите за членство во НАТО и за почеток на преговори со Унијата, кон земјата беше направена неправда. - Ниту една земја-членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение. Од ниту една друга земја членка не се бара она што се бара од нас – негирање на правото на човечко достоинство и самоидентификација, истакна шефот на државата.
Во изминативе пет години, посочи Иванов, двајца сега веќе поранешни претседатели на две соседни држави, членки на Европската Унија и НАТО кажаа една иста работа. Првиот не предупреди дека со македонизмот вратите во НАТО и Европската Унија ни се затворени. Вториот, пак, рече дека Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот. Двајцата навидум добронамерно не советуваа да ја соблечеме наметката на македонизмот, и да ја оставиме пред прагот на евроатлантскиот дом. Двајцата поаѓаат од претпоставката дека таа наметка е нешто туѓо, крадена роба што некој ни ја подметнал или ни ја продал на црно. Тие тврдат дека македонизмот е лага со која ја криеме вистината за тоа кои навистина сме, рече претседателот Иванов во обраќањето.
Додаде дека нивниот совет би бил на место, доколку навистина стануваше збор за лажна прекривка. Иванов рече дека македонството не се само празниците и спомениците посветени на нашите херои. Македонството е многу, многу повеќе од тоа. Македонството е доследно почитување на нивното дело, чекорење по нивниот пат, ширење на нивните вредности, кои до сега требаше да бидат и наши вредности: вистината, правдата, солидарноста, слободата на совест и мисла, демократијата, човековите права, сплотеноста околу државните интереси, и пред се, љубовта кон Македонија. Проблемот е што не останавме доволно верни на нивниот завет. Скршнавме од патот и залутавме во меѓусебни обвинувања и погубни реваншизми, рече во обраќањето македонскиот претседател.
Членството во Европската Унија и НАТО, вели Иванов, неминово бара жртва. Но, за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус. Да внимаваме да не го жртвуваме она за што нашите предци се жртвувале. Да не го жртвуваме идентитетот, порача шефот на државата.
Честитајќи го празникот Илинден, претседателот Иванов повика на три работи, посочувајќи дека целта на илинденците, партизаните и АСНОМ-ците беше слободата од ропство, а целта на нашата генерација е слободата за просперитет.
Прво, да го задржиме континуитетот со првиот и вториот Илинден, со Крушевскиот манифест на соживот и АСНОМ-ските документи за државност. Второ, да ја продолжиме борбата против новиот фашизам, против исклучивоста, ксенофобијата и омразата, против радикализмот, екстремизмот и тероризмот. Трето, да создадеме широк македонски фронт во кој ќе има место за просперитет на сите чесни Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци независно од идеолошката или политичката припадност. Да ги оставиме по страна меѓусебните обвинувања и погубните реваншизми. Да се сплотиме околу државните и националните интереси на Република Македонија. Затоа што само сплотени ќе успееме да изградиме Европска Република Македонија. И со тоа конечно да го изодиме патот до слободата, порача македонскиот претседател.
Иванов: Договорот за добрососедство отвора врата за градење меѓусебна доверба и соработка
Договорот е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат. Вакви договори се израз на компромис што треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото. Ги повикувам двете Влади да придонесат кон исполнувањето на целта на договорот, вклучително и преку мешовитата комисијата, која треба да работи на градење доверба и пријателство, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на одбележувањето на државниот празник Илинден.
Од самиот почеток на процесот, инсистирав договорот да биде симетричен. Што значи тоа? Добрососедството е двонасочна улица. Овој договор подразбира дека истите правила важат и за левата и за десната страна на улицата. Она што важи за Македонија, важи и за Бугарија. Придржувајќи се до принципите на рамноправност и реципроцитет, затвораме едно отворено прашање што ги оптоваруваше нашите односи. И, истовремено, отвораме врата за градење меѓусебна доверба и соработка, рече претседателот Иванов.
Тој истакна дека од почетокот на првиот мандат се залага за унапредување на добрососедските односи со сите соседи, и тоа врз основа на принципите на заемно почитување, помош и поддршка. Затоа, рече Иванов, ја поддржал и иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.
Ако започнеме да ги отвораме старите рани, лесно ќе најдеме причини за кавги. Затоа, уште на почетокот јасно посочив дека со Бугарија треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја на нашите две соседни, суверени и рамноправни држави, порача македонскиот претседател.
Признавањето на независноста на Република Македонија од страна на Република Бугарија и Денот на Европа - 9 мај, се настаните кои, како што посочи македонскиот претседател, тој предложил заеднички да бидат прославени.
Таа заедничка историја започнува на 15 јануари 1992 година, кога Република Бугарија, под водство на претседателот Жељу Желев, прва ја призна независноста на Република Македонија. Со тоа Желев го отвори патот за меѓународно признавање на Македонија и ги разби мрачните сценарија за нови поделби на Македонија. Затоа, предложив заеднички да го славиме 15 јануари - денот на признавањето на независноста. Бидејќи тоа е почетокот на нашата заедничка историја. Кога, пак, на 19 декември 2009 година стапи на сила визната либерализација за македонските граѓани, заедно со поранешниот бугарски претседател Прванов ги кренавме рампите на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево. Со тоа симболично го кренавме меѓникот што ја делеше Европа на два дела. Затоа, предложив заеднички да го славиме и 9 мај – Денот на Европа. Бидејќи, таму е насочена нашата заедничка иднина, рече претседателот Иванов.
Но, додаде, има луѓе од цивилизациско значење кои треба заеднички да ги слават не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски земји, како светите браќа Кирил и Методиј.
Моја должност како претседател е да ги штитам придобивките за кои се бореле и избориле нашите предци. А тие придобивки нужно ја вклучуваат и вистината за нашето минато, како основа за нашата сегашност и иднина, истакна македонскиот претседател.
Пред обраќањето, претседателот Иванов положи цвеќе пред споменикот на Ченто, а Воениот оркестар ја интонираше македонската химна.
По повод Илинден, претпладнево Иванов положи цвеќе и пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев.
