Подобри политики и пракси за елиминација на насилството врз жените
Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Програмата за развој на Обединетите нации ја најавија реализацијата на проектот Подготовка за ратификација на Истанбулска конвенција- усвојување на подобри политики и пракси за елиминација на насилството врз жените. Ова, како што најавија првите луѓе на овие институции е со цел развивање рамка за координирано справување со насилството врз жените и девојчињата...

Започнати се подготовките и координацијата со институциите и меѓународните организации за отворање Центар за жртви на сексуално насилство. Во него ќе добиваат психосоцијална поддршка и помош за нивна ресоцијализација и реинтергација, посочи министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
За функционирање на овој Центар ќе бидат изработени интерни документи, кои се однесуваат на постапките и процедурите на упатување, сместување, престој, правила за однесување на ангажираниот персонал, протоколот за заштита и слично. Ќе бидат изработени протоколи за постапување со жртви на сексуално насилство согласно законските обврски и обврските од конвенцијата.
Според министерот за здравство, Арбен Таравари, Истанбулската конвенција ќе биде голем исчекор кон елиминација на насилството врз жените и овој проект ќе придонесе за подигнување на свеста и ќе ги елиминира предрасудите кон родово базираното насилство. Во трите болници во Скопје, Тетово и Куманово ќе бидат отворени уште три центри кои ќе имаат обврска да ги преземат жртвите и да ја извршат истрагата, вели Таравари.
Конвенцијата претставува инструмент на меѓународното законодавство кој може многу да помогне во борбата за елиминирање на насилството врз жените, рече во оваа пригода постојаната претставничка на програмата за развој на он, луиза винтон.
Во земјава нема точна анализа колку жени и девојки биле жртви на насилство, но глобалните показатели говорат дека секоја трета, е всушност жртва на овој вид насилство. Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, од државата се очекува да воспостави правен и институционален систем кој ќе обезбеди превенција, заштита на жртвите на родово базирано насилство и прогон на сторителите. Сето ова ќе придонесе кон воспоставување на еднакви можности на жените и мажите и нулта толеранција кон било каков тип на родово базирано насилство.
Фиљана Кока
