ВМРО-ДПМНЕ: Судството работи под влијание на власта и одредени центри на моќ

03.08.2017 13:07

Наместо одлуките на судовите да се донесуваат со правни издржани аргументи базирани на Уставот и законите, се носат одлуки по нарачки, велат во изјавата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Со одземањето на патните исправи на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се покажа дека судството работи под влијание на власта и одредени центри на моќ. Наместо одлуките на судовите да се донесуваат со правни издржани аргументи  базирани на Уставот и законите, се носат одлуки по нарачки, велат во изјавата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

Судот и судиите во изминатиов период ја занемарија должноста на секој еден судија, да одолее на притисоците кои врз него се обидува да ги прави одреден центар на моќ, што е должност за еден судија, бидејќи правораздавањето се врши врз основа на Устав и на закон, а не по притисок и сугестии. Сите учесници во политичката хајки против ВМРО-ДПМНЕ треба да знаат дека власта не е дадена еднаш за секогаш и секоја незаконска одлука ќе биде ревидирана, а за прекршителите на законот ќе следи одговорност по промената на власта и враќање на правната држава и владеењето на правото во органите на власта, рече Марија Јакимовска од пред Апелациониот суд.