Да се почитуваат препораките за заштита од високи температури
Се препорачува во следните три дена од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар. На работодавачите им се препорачува да го реорганизираат работното време. Граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високи температури. Од Брзата помош велат во овој период итна интервенција од лекар се бара најмногу поради колапси предизвикани од температурните разлики...

За да се избегне труење, задолжително да се проверува рокот на траење на храната што се купува, и да не се консумираат плескавици и сендвичи изложени на сонце, сугерираат лекарите. За топлото време коешто ќе се задржи и во наредните денови остануваат да важат препораките на Министерството за здравство.
„Да се носи лесна и светла облека, да се внесува лесна храна, организмот да има добра хидратација, да се избегнува изложување на светлина и топлина од 11 до 17 часот, а хронично болните редовно да ја земаат својата терапија“, изјави Елена Карева- Пиловска, шеф на смена во Итната медицинска помош.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека се запознаени со препораките, но поради работни обврски, велат, не можат во целост да ги испочитуваат.
Бројот на граѓани коишто се јавиле во Итната медицинска помош соодетствува со бројката од претходните години. Во период од едно деноноќие, околу 100 граѓани на територијата на Скопје побарале итна интервенција од лекар, најмногу поради колапси предизвикани од температурните разлики.
Лекарите препорачуваат– граѓаните коишто седат во климатизирани простории, пред да излезат надвор, да го исклучат клима уредот и да му овозможат на организмот постепено да се адаптира на високата температура.
Оваа препорака е поради фактот што студениот воздух предизвикува стегање на крвните садови. Кога телото ќе се изложи на сонце, велат лекарите, крвните садови се приспособуваат на новата температура што може да резултира со грч и запирање на дотокот на крв во мозокот поради што се јавува колапс.
Анита Димитријевска
