Нимиц: Верувам дека спорот ќе се реши наскоро
Американскиот дипломат Метју Нимиц во интервјуто за БИ-БИ-СИ насловено како „Човекот кој 23 години се фокусира на едно име“ вели дека е оптимист и верува дека се ближи времето за решение на спорот меѓу Македонија и Грција. Потенцира дека овој спор има историска важност и е клучен за градењето на нациите, па неговите обиди за решавање на проблемот не се само смислување придавки.

„Не преговараме за идентитет, ако беше така, ќе си заминев од тука“- ова е дел од одговор на прашање на БИ-БИ-СИ на медијаторот за спорот за името Метју Нимиц, кој уште вели дека дел од решавањето е да се охрабрат луѓето да не го гледаат проблемот како прашање на национален идентитет, бидејќи се работи за формулација на името на државата заради дипломатски цели, а тоа нема да влијае врз просечните луѓе.
Американскиот дипломат, кој 23 години се занимава со решавањето на спорот, во интервјуто насловено како „Човекот кој 23 години се фокусира на едно име“ вели дека е оптимист и верува дека се ближи времето за решение на спорот.
Нимиц вели дека брзо ја сфатил грчката страна и нивниот страв дека еден ден Македонија би можела да го положи правото на дел од нивната територија. Но, од друга страна додава дека подеднакво му е блиска и македонската страна, односно ставот дека името произлегува од историјата која го вбројува владеењето на Александар Македонски, па „Македонија“ е име наследено уште од антиката.
Спорот околу името веќе 26 години ја држи Македонија надвор од НАТО и од ЕУ бидејќи Грција не дозволува прием.
На прашањето дали Македонија еден ден ќе биде отворена за промена на своето име, рекол дека тоа е мошне комплексно прашање во кое се вклучени емоции. Дипломатот вели дека разбира оти е битен идентитетот, но додава дека е и голем поборник на глобализмот.
Тој потенцира дека овој спор има историска важност и е клучен за градењето на нациите, па неговите обиди за решавање на проблемот не се само смислување придавки. Убедувањето на гласачите во двете земји ќе биде тешко, вели Нимиц, а македонските лидери ветиле дека секој договор ќе мора да помине на референдум.
Американскиот дипломат штотуку ја заврши најновата рунда средби околу ова прашање и смета дека може да се постигне решение.
Изминаа 26 години откако Македонија во 1991-ва година прогласи независност од Југославија, а речиси исто толку трае и спорот со соседна Грција околу името на новонастанатата република.
Марина Автовска
