Нови конфронтации за Законот за јазиците
Министерот Арбен Таравари, кој во владата го претставува Движењето за реформи во ДПА, тврди дека Законот за употреба на јазиците ќе биде донесен во првите 100 дена од работењето на владата. БЕСА, пак, со спротивен став. Се прави обид да се одложат локалните избори. СДСМ уверува, ќе се гласа на 15-ти октомври. ВМРО-ДПМНЕ очекува одржување во терминот...

Законот за употреба на јазиците ќе помине во првите сто дена на Владата и ќе се испрати до Венецијанската комисија- изјави министерот Арбен Таравари. Вели дека ставовите меѓу коалициските партнери се усогласени.
Од движењето БЕСА велат дека владините партнери очигледно се договориле само за поделба на привилегиите, а не постои договор за донесување на законот, кој, како што велат, треба да ја уреди употребата на албанскиот јазик. Според нив, постои можност поради донесувањето на Законот за јазиците да се одложат локалните избори.
Од СДСМ изјавија дека Законот ќе оди како дел од пакетот што треба да се достави до Собранието. За одредбите што се однесуваат на парите и на униформите ќе треба да даде мислење Венецијанската комисија, рече координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се подготвени за локални избори и нема да дозволат од какви било причини тие да се одложат.
Владата на седница ја отвори дебатата за усвојување на предлог- законот за употреба на јазиците. Оттаму информираа дека треба да се доутврдат надлежностите на Агенцијата за примена на јазиците и на Инспекторатот за употреба на јазиците, кои допрва треба да се формираат.
Игор Панов
