Топлотен бран во Македонија, да се почитуваат препораките за заштита
Лекарите со апел до граѓаните– да се почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран. На удар се хронично болните. Се советува редовно да ја земаат терапијата, општата популација да внимава и на храната. Дневно, брзата помош во Скопје има и до 100 интервенции. Заседаваше и Комисијата за топлотни бранови. Препорачано од работа да се ослободат бремените и луѓето над 60 години...

Наредните три дена Македонија ќе ја зафати портокалова фаза. Поради високите температури, Комисијата за топлотни бранови препорачува работодавачите да ги ослободат од ангажман бремените жени и работниците постари од 60 години. Спортски активности да не се организираат на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а во истиот тајминг, воспитувачките во градинките да не ги изнесуваат децата надвор. Граѓаните кои ќе почувствуваат здравствен проблем, без одлагање да се јават кај матичниот лекар.
„Да се носи лесна и светла облека, да се внесува лесна храна, организмот да има добра хидратација, да се избегнува изложување на светлина и топлина од 11 до 17 часот, а хронично болните редовно да ја земаат својата терапија“, изјави Елена Карева- Пиловска, шеф на смена во Итната медицинска помош.
Граѓаните што ги анкетиравме, генерално се запознаени со препораките, но поради работни обврски велат, не можат во целост да ги испочитуваат.
Бројот на граѓани коишто се јавиле во итната медицинска помош соодетствува со бројката од претходните години. Во период од едно деноноќие околу 100 граѓани на територијата на Скопје побарале итна интервенција од лекар. Најмногу поради колапси предизвикани од температурните разлики.
Лекарите препорачуваат – граѓаните коишто седат во климатизирани простории, пред да излезат надвор, да го исклучат клима уредот и да му овозможат на организмот постепено да се адаптира на високата температура.
Анита Димитријевска
