ВМРО-ДПМНЕ: Владата потпиша штетен договор со Бугарија

03.08.2017 16:04

ВМРО-ДПМНЕ обвини, Владата потпиша штетен договор со Бугарија, не се почитуваат интересите на македонскиот народ и државата. Партијата бара СДСМ дa се повлече од договорот. Социјалдемократите, пак, сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е партија заробена во сопствената политика на поделби...

ВМРО-ДПМНЕ со став- владата на Социјалдемократскиот сојуз потпиша штетен договор со Република Бугарија, зашто не ги задоволува националните интереси на Република Македонија. Децидни се, партијата нема да му даде поддршка на договорот.

Опозицијaта обвинува дека вака конципиран и потпишан договорот имал недостатоци што земјава ќе ги трпи подолг период. Содржел срамна формулација за дефинирање на македонскиот јазик. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека унапредувањето на добрососедските односи треба да биде на заемно задоволство и интерес. Бараат владејачката партија да се повлече.

„Не е доцна, минута до 12. Апелираме на совеста на пратениците на Социјалдемократскиот сојуз да не го поддржат овој договор. Не е доцна, вие пратениците од Социјалдемократскиот сојуз имате обврска и кон вашите предци но и кон вашите деца. Однесувајте се одговорно барем вие, оставете го господинот Зоран Заев сам во овој случај“, изјави генералниот секретар на партијата, Христијан Мицковски.

Социјалдемократите, пак, сметаат дека партијата ВМРО-ДПМНЕ останува заробена во сопствената политика на поделби, а Македонија го живее новото време на соработка и добрососедство.

„Договорот е во согласност со националните интереси на нашата држава и со интересите на граѓаните на Македонија и на Бугарија. Договорот е основа за пријателство и заемен успех, а неговото потпишување е заеднички успех на сите досегашни влади“- велат од СДСМ.

Оценуваат дека е направен значаен исчекор кон иднината и евроатлантските интеграции.

 

Наташа Гркова- Петрушевска