Високи температури во повеќе делови низ Европа
Високата температура причинува еколошки катастрофи и во Австрија. Пожари се забележани во повеќе региони на Балканот, а во дубаи по втор пат за две години гореше кулата „Факел“, облакодер од 80-тина спрата...

Австрија во изминатите денови се соочува со високи температури, што негативно влијае врз земјоделството, а среде сушата и жешкото време забележан е и помор на риби во австриските реки. Водата во некои делови се загрева и до 25 степени, што го намалува количеството кислород. Од здружението на рибари на долна Австрија велат дека е загрозен целиот рибен фонд и дека се многу блиску до смртоносната граница.
Најтопло вчера било во центарот на Виена, каде што биле измерени 38,9 степени, што е највисока температура измерена во австриската престолнина.
И во Србија продолжуваат пеколните денови, а краткотрајно освежување се очекува дури наредната недела. Метеоролозите посочуваат дека овој последен тропски бран е најдолг од почетокот на летото. А најлошо ќе биде за време на викендот, за кога се прогнозираат температури и до 42 степена.
Жешкото време неретко придонесува и за појава на пожари. Шумски пожар избувна на падините на Сувобор, кој благодарение на брзата интервенција на пожарникарите бил локализиран.
Поради шумски пожар е наредена евакуација и во Грција, поточно јужно од Атина. Пожарот во областа лагониса го гасат околу 40 пожарникари со 20 возила и два хеликоптери. Полесно се повредени три пожарникари.
Во еден од највисоките облакодери во Дубаи вторпат во последните неколку години избил пожар, кој набрзо е изгаснат, а нема жртви и повредени. Во облакодерот имаше пожар и во февруари 2015 година. Полицијата тогаш соопшти дека сите станари биле успешно евакуирани и неповредени.
Летна бура со електрични празнења, силен ветар и обилни дождови го погоди Феникс, каде што во прекин е сообраќајот, одложени биле авионските летови, а илјадници луѓе се без струја. По автопатите лежат искорнати дрвја, поради тежината на водата, се урнал покрив на една продавница за мебел, а поплавени биле и повеќе продавници.
Марина Автовска
