Кандидатите за полицајци протестираа пред МВР
Кандидати за полицајци од третата класа со завршена обука сѐ уште не се распоредени на работа и немаат решенија. Тие протестираа пред МВР. Бараат министерот Спасовски да обезбеди плати за приправнички стаж и да ги ангажира на работа.

34-та кандидати за полицајци од 3-та класа со завршена обука коишто се уште не се распоредени на работа и немаат решенија, протестираа пред МВР. Станува збор за генерацијата 2015-2016 кои повеќе од една година, со стекнати сертификати седат дома. Нивните 400 колеги, со кои ја завршиле обуката веќе се распоредени низ полициските станици низ земјава. Бараат министерот Спасовски да обезбеди плати за нивниот приправнички стаж и да ги ангажира на работа заедно со колегите од класата што после нив ја завршила обуката, во спротивно велат, ќе продолжат со протестите.
Тврдат дека со министерот Спасовски се сретнале пред две недели, но тој ги известил дека Министерството во моментот нема пари за да ги вработи.
МВР денеска распиша нов оглас за 500 полицајци кои ќе треба да ја поминат основната обука во траење од една година по што ќе склучат договор за вработување. Полицајците што ќе бидат ангажирани се обврзани да останат на работното место најмалку пет години.
Според огласот, најмногу се бараат во Скопје – 360, но полицајци ќе добијат и станиците во Охрид, Битола, Струмица, Штип, Куманово, Велес и Тетово.
Анита Димитријевска
