Изгаснат пожарот кај Матка, повеќе активни пожари низ земјава
Пожарот кај кањонот Матка е целосно локализиран. На подрачјето на Град Скопје во моментов се активни два пожара, вели Томовски, командантот на Противпожарната бригада. Според градоначалникот Трајановски, пожарите, особено оној на Матка се подметнати. Гори шума и сува трева во повеќе делови од Македонија...

Пожарот кај кањонот Матка е изгаснат. Четири екипи на Противпожарната бригадата, вработени во „Паркови и зеленило“ и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување помогнале да се спречи ширењето на огнената стихија кон Водно. Активен пожар има и во атарот на Студеничани, на планината Жеден и Морани. И покрај застарените возила од Бригадата за противпожарната заштита, велат - подготвени се за интервенции. Дневно имаат по 20 повици.
Има индиции дека пожарот на Матка е подметнат, вели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Загрижува податокот што во краток период има многу жаришта. Состојбата се следи за да се намалат последиците.
Гори шума и сува трева во повеќе делови од Македонија, потврдуваат од Центарот за управување со кризи. Кај селото Требовље, огнената стихија дивее веќе две недели. Во реонот на Тетово активни се 2 пожара. Има и во Пелагониско кај Подвис, во Дреново, а оној кај селото Девич е со намален интензитет.
На седница на Владата беше истакнато дека институциите се на терен сѐ до конечно гасење и локализирање на пожарите. Беа преземени и обврски да се истражат причините за појава на зачестените пожари на повеќе локации низ земјата.
Сунчица Николоска
