Законски измени за минималец од 12.000 денари

04.08.2017 14:55

Владата на вчерашната седница ги усвои законските измени за минималната плата што треба да достигне 12 илјади денари. Овој предлог на Владата ќе биде доставен и до Законодавниот дом. Издвоени се и десет милиони евра директна помош за земјоделците, а ќе се распише и оглас за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до три и над три хектари.

Работодавачите да исплаќаат минимална плата од дванаесет илјади денари- Владата го усвои овој предлог закон и го достави до Законодавниот дом. Велат дека со оваа одлука ќе се обезбеди и финансиска поддршна на фирмите од буџетот на Македонија. Сега минималната плата која ја добиваат работниците во земјава изнесува 10.080 денари.

„Владата го усвои предлог законот за изменување и дополнување на законот за минимална плата и со тоа ја започна законската процедура за зголемување на минималната плата на ниво од 12 илјади македонски денари. Усвоените измени на овој предлог закон владата во текот на денот ќе ги достави до Собранието на усвојување“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Поддршка од десет милиони евра ќе има за земјоделците. Шест илјади денари ќе се исплаќа за хектар пченица, поради ниските приноси од годинешната жетва, еден денар повеќе ќе се исплаќа за килограм јачмен, за 10 насто повисоки субвенции ќе има и за градинарите и дополнителни 10 процети по хектар фуражни култури за сточарите.

„Станува збор за пакет активни мерки во износ од 10 милиони евра пари кои директно ќе стигнат во рацете на овоштарите, лозарите, сточарите и полјоделците, а тоа ќе значи и поддршка на домашното производство на храна“, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Измени ќе има и во програмата за руралниот развој. Се предвидуваат десет илјади евра неповратни средства за младите земјоделци.

Андријана Атанасовска