Реактивиран штрајкот во „Еурокомпозит“

04.08.2017 15:57

Вработените во наменската фабрика „Еурокомпозит“, единствен загубар со нерешен статус под државна капа, го реактивираа штрајкот, зашто како што велат, не е исполнета спогодбата со раководството и владата за исплата на јануарската плата. Од Владата бараат итно решавање на нивната агонија, пакет за прогласување технолошки вишок и ревизија на работењето во фирмата последните десетина години. Генералниот директор има депонирана оставка една недела...

Не е исполнета спогодбата што пред повеќе од еден месец ја потпишаа Гранковиот синдикат за индустрија, енергетика и рударство, директорот на наменската фабрика „Еурокомпозит“ и Владата. Нема јануарска плата, а требаше да биде исплатена до 25-ти јули, ниту има шанса за февруарска до 15-ти август.

Не сме социјално осигурани, ниту е извесна нашата иднина, реагираат вработените во прилепската наменска фабрика. Тие го реактивираа штрајкот и бараат итна реакција на Владата. Се бара и државна ревизија на работењето на фирмата за последните 10-ина години.

Директорот на „Еурокомпозит“, Марјан Додовски потврдува дека има депонирана оставка од 26-ти јули и стои на ставот дека дел вработени не ги испочитувале обврските и не се исполниле роковите за работа.

Гранковиот синдикат, пак, бара Владата итно да ја реши агонијата на последниот загубар. Да се назначи ново раководство, и да се спроведе пакетот за технолошки вишок и отпремнини зашто старосната граница на 40 насто од вработените е од 55 до 60 години.

„Еурокомпозит“ со околу 250 вработени, на работниците им нема платено пет години за пензиското осигурување.

 

Елизабета Митреска